Вардар и десното крило Ален Ќосевски спогодбено го раскинаа договорот и играчот е веднаш слободен.
Ќосевски е дете на Вардар, потекнува од младинскиот погон и од екипата на Вардар Јуниор, а од 2019 година е дел од првиот тим. Во „црвено-црниот“ дрес тој помина повеќе сезони во кои прерасна од перспективен млад играч во стандарден член на тимот.
Во овој период Ќосевски беше дел од генерации кои испишуваа важни страници во историјата на Вардар, освојувајќи трофеи на домашната сцена и носејќи го дресот на клубот на ниво што обврзува.
„Вардар му се заблагодарува на Ален за сите години поминати во клубот, за професионалниот однос и за придонесот што го даде и на терен и во соблекувалната. Клубот му посакува многу здравје, среќа и успех во продолжението на неговата кариера“, се вели во објавата на Вардар.
Како што објави 24Ракомет, Ќосевски би требало да ја продолжи кариерата во амбициозниот Охрид.
Вардар и стратегот Иван Чупиќ во продолжение на сезоната на десната крилна позиција ќе ги имаат на располагање Гоце Георгиевски и Мигел Пинто, а таму може да покрива и Марек Марчињак.
























