Поранешниот шампион на Македонија, Вардар за вториот дел од натпреварувачката сезона 2023/24 ќе има нов, трет голман меѓу стативите. Според информациите на 24Ракомет, на голманското дуо Мартин Томовски и Васил Гогов ќе му се приклучи младиот Марко Богдановски.
Талентираниот голман во редовите на „црвено-црните“ пристигна од новиот суперлигаш Аеродром каде бранеше досега. Новиот голман на Вардар беше еден од најзаслужните за добриот настап на Аеродром во првиот дел од сезоната и со своите добри партии го привлече вниманието на раководството на вардаровиот тим.
Богдановски и во претходната сезона, во која Аеродром го избори суперлигашкиот статус, имаше забележителна улога и беше меѓу најдобрите голмани во прволигашката конкуренција. Тој веќе тренира со екипата на Вардар и беше и дел од пријателскиот дуел меѓу „црвено-црните“ и Пролет.
Вардар претходно се засили со репрезентативецот на Тунис, десниот бек Мохамед Тарик Бакар. Повеќекратниот македонски шампион ќе биде комплетен со доаѓањето на сите репрезентативци и ќе продoлжи со играње контролни средби пред продoлжението на првенството, и во првото коло се среќава со Еурофарм Пелистер.