Ракометниот клуб Вардар официјално поднесе жалба до Ракометната федерација на Македонија поради спорната ситуација во завршницата од финалниот натпревар на Супер купот, кој се одигра во Кавадарци.
Екипата на Еурофарм Пелистер победи со 28-27 со голот на Хоsни Осама во последните 15 секунди од мечот. Вардар имаше последен напад, но не го реализираше.
Во жалбата се наведува дека во последниот напад на „црвено-црните“ бил направен прекршок врз правилата на ракометната игра, со што директно бил засегнат конечниот исход од натпреварот.
Според Вардар, противничкиот играч Дејан Манасков, го попречил изведувањето на брзиот центар – најпрво со присуство во забранетиот простор на центарот на теренот, а потоа и со контакт врз нивниот ракометар Филип Талески.
Од клубот потенцираат дека ситуацијата е спротивна на правилата на ЕХФ. Вардар смета дека тоа е директна материјална повреда на правилата, со што е нарушен регуларниот тек на натпреварот.
Сега останува Ракометната федерација на Македонија да ја разгледа жалбата и да донесе одлука.
🎥 Битолчани славеа, Вардарци протестира за спорната ситуација за која бараа пенал!