Кружниот напаѓач на полскиот вицепрвак Келце, Лукаш Рогулски, е на мета на двократниот европски шампион Вардар.
Според „RTHandball“, Рогулски наредното лето ќе си замине од Келце и негова следна дестинација би била Скопје.
Kружниот напаѓач Рогулски има 32 години, играше во татковината за Гдањск, Вибжеже Гдањск и Азоти Пулави, пред во 2022 година да се пресели во АЕК Атина.
Таму остана една сезона, а минатата сезона ја мина во романскиот Бакау. Ова лето се врати во татковината и ќе го носи дресот на Келце, каде формира трио со Тео Монар и Артем Каралек.
Келце наредното лето ќе претрпи големи промени бидејќи заминуваат браќата Алекс и Даниел Душебаеви за кои постои интерес од ПСЖ и Кил, а покрај Рогулоски, ќе си одат и Хорхе Македа и голманот Клемен Ферлин.
Вардар во оваа сезона ќе ги има на располагање Виктор Јанковски, Кристијан Анастасовски и Милан Лазаревски на пивотменската позиција.
Евентуалниот трансфер на Рогулски би бил втор во поново време на релација Келце-Вардар, откако претходно дојде Милош Валах, а во минатото трансфер од Полска во Македонија направи и Иван Чупиќ.