Вардар останува без важен играч – Томовски оди во Бундеслигата

Вардар сезонава до последното коло е во игра за титулата, но покрај што мора да побди и да чека „кикс“ на битолчани, ќе мора да размислува и на засилувања во тимот. Голем проблем следната сезона ќе биде што меѓу стативите нема да го има Мартин Томовски!

На „пантерот“ му завршува договорот со „црвено-црните“ и како што дознава 24Ракомет, тој веќе го информирал клубот дека ќе замине во странство. Следната дестинација треба да му биде Бундеслигата.

Управата на повеќекратниот македонски првак сакала да го задржи репрезентативниот голман, исто како што тоа го направи и со другите македонски грачи, Гоце Георгиевски и Милан Лазаревски, кои ги продолжија своите договори. Вардарци му понудиле на Томовски и подобри услови од досегашните, но тој изразил желба да има интернационална кариера.

Вардар веќе размислува сериозно за неговата замена, односно за партнерот на Васил Гогов. Младиот Гогов го продолжи договорот, и сигурно е дека сезонава ќе има и поголема минутажа, зашто покажа дека од сезона во сезона се повеќе напредува.

И лани постоеше можност Томовски да замине, но сепак се реши да остане во „Јане Сандански“. Сезонава на многу натпревари беше „човекот на одлука“, го држеше тимот во игра, го „кршеше“ противникот. Знаеше да биде џокерот кој ги држи играчите високо, а неговите соиграчи тоа го претвораа во победи.

Репрезентативниот голман е на мета на повеќе екипи во Бундеслигата, каде тој бранеше во Лудвигсхафен пред да дојде во Вардар. Претходно играше и за екипата на Металург, а кариерата ја почна во младинската селекција на Пролет. Веќе е сериозен голман, кој знае и може да направи разлика во клучни коменти.