Тимот на Вардар Неготино не успеа да стигне до првите бодови во новата суперлигашка сезона, откако загуби од новиот суперлигаш во Автокоманда со 30-27, иако добро парираше во поголем дел од мечот. Клучен период беа последните петнаесетина минути кога домашните ракометари направија серија од 6-1 за нови три бода по оние со Прилеп.
Првиот дел беше израмнет, иако избраниците на Игор Котевски имаа во два наврати предност од два гола. По 13-11 за неготинци, домашните успеаја да се вратат во егал, а заминаа и со предност на паузата.
На пет минути до крајот на првото полувреме поради остар старт, исклучување од две минути доби Олег Јорданов, но и покрај тоа неговите соиграчи успеаја да израмнат на 14-14.
Илиески погоди во голот на Мицев, а гостинските ракометари не успеаја да упатат удар кон голот на Ерманоски, па тимот од Автокоманда имаше предност од еден погодок по првите 30 минути, 15-14.
Второто полувреме почна со неколку промашувања на двете страни, пред Пеовски да погоди за 15-15. Беше и 16-16, пред неготинци да влезат во серија грешки, а тоа беше казнето од момците на Иве Марковски за највисоки плус три, 19-16.
Повредата на десниот бек Узунчев, малку ги поремети домашните редови, па Вардар Неготино се врати на минус еден, 21-20. Сепак тимот од Автокоманда набрзина се врати во игра и успеа на десетина минути до крајот да го скрши отпорот на гостите.
Илиески беше непогрешлив од линијата за седум метри, беа казнети сите грешки на неготинци и веќе беше 27-22. Успеаја гостите да намалат на минус два, но немаше ниту време, ниту сили за комплетен камбек и бодовите останаа во Автокоманда.
Божидар Илиески постигна десет гола за победникот, а десет одбрани имаше и голманот Ѓорѓи Ерманоски. Во составот на Вардар Неготино се истакна Лазар Адамовиќ со шест погодоци.