Вардар Неготино лесно против аутсајдерот Шампион

Екипата на Вардар Неготино ја оствари четвртата победа сезонава, овојпат на гостински терен кај Шампион во Скопје, 45-19. Сега неготинци се во групата од три екипи кои имаат по 8 бода, и се на делба на четвртото место на табелата заедно со Текстилец и Јехона.

Од самиот старт беше јасно кој ќе го диктира темпото на мечот – вардарци поведоа со 6-1 по само седум минути игра и практично уште тогаш го најавија исходот. Шампион се обидуваше да парира преку Давид Јовчевски и Ненад Богоевски, но гостите беа далеку поконкретни и ефикасни во нападот.

На полувреме резултатот беше 25-9 за Вардар, а во вториот дел избраниците на Игор Котевски само ја потврдија својата надмоќ. До крајот се разиграа сите ракометари од ростерот, а предноста постојано растеше.

Првата половина на првото полувреме беше решавачка – Вардар направи серија 15:3 и практично го реши натпреварот.

Кај победниците се истакнаа Христи Бикоски со 7 голови, Мице Шилегов и Мирослав Митевски со по 6, како и Лазар Кузев со 5 погодоци. Одлична партија прикажа и Андреј Маркудов, кој постигна 4 гола, но и придонесе во дефанзивата.
Кај домаќините најефикасни беа Давид Јовчевски и Ненад Богоевски со по 5 погодоци, додека Филип Спирковски и Бажe Цветковски додадоа по 2 гола.