Ракометарите на Вардар ја остварија првата цел за сезонава во Лигата на Европа – пласман во главната рунда или во ТОП 16. Сега избраниците на Иван Чупиќ следуваат четири натпревари од 17 февруари до 10 март на кои ќе се обидат да обезбедат пласман во осминафиналето на второто по ранг европско клупско натпреварување.
Распоред не е најидеален бидејќи се стартува на домашен терен со Мелсунген на 17 февруари, на 24 февруари следува најважното гостување кај Бенфика во Лисабон, на 3 март е пресметката со Бенфика дома, додека на 10 март, Вардар ќе гостува кај Мелсунген.
Пред стартот на европските средби, Вардар на 7, 10 и 14 февруари ќе одигра три меча од Супер лигата со Куманово, Бутел Скопје и Пролет, а меѓу дуелите со Мелсунген и Бенфика, Вардар ќе гостува во Автокоманда кај тимот на Лазаров на 20 февруари што ќе биде голем предизвик.
Но дотогаш ќе се вратат повредените ракометари во составот на Вардар, ротацијата ќе биде поголема, па Чупиќ ќе има повеќе решенија. Пласман во осминафиналето на ЛЕ се обезбедува од втората и третата позиција, додека првото место носи директен пласман во четвртфиналето.
АКО ВАРДАР Е ПРВ – „Црвено-црните“ во четвртфиналето би играле против победникот од двомечот меѓу екипите што ќе се најдат на второто место во група 2 (Архус, Порто, Елверум, Гранољерс) и третото место во група 1 (Кил, Фленсбург, Бидасоа, Монпелје).
АКО ВАРДАР Е ВТОР – Двократниот европски шампион во осминафиналето би играл против третопласираната екипа од група 4 (Фредериција, Кадетен, Нексе, Хановер), а потоа во евентуално четвртфинале би се соочил со победникот од група 2 (Архус, Порто, Елверум, Гранољерс).
АКО ВАРДАР Е ТРЕТ – Македонскиот вицепрвак во осминафинале би играл против второпласираната екипа од група 4 (Фредериција, Кадетен, Нексе, Хановер), а потоа во евентуално четвртфинале би се соочил со победникот од групата 1 (Кил, Фленсбург, Бидасоа, Монпелје).
Гледано по имињата на можните ривали во следните две фази, за Вардар идеално би било да го освои второто место во групата, а со оглед на тоа што со Кристијанштад веќе има подобар меѓусебен дуел, најважно ќе биде да го има и на двомечот со португалскиот тим Бенфика.
Лига на Европа 2025/26
главна рунда, 17/02/2026 – 10/03/2026
група 1: 1. Кил 4, 2. Фленсбург 4, 3. Бидасоа Ирун 0, 4. Монпелје 0
група 2: 1. Архус 2, 2. Порто 2, 3. Елверум 2, 4. Гранољерс 2
група 3: 1. Мелсунген 4, 2. Вардар 2, 3. Кристијанштад 2, 4. Бенфика 0
група 4: 1. Фредериција 2, 2. Кадетен 2, 3. Нексе 2, 4. Хановер 2
осминафинале, 31/03/2026 – 07/04/2026
3 место група 2 – 2 место група 1
3 место група 1 – 2 место група 2
3 место група 4 – 2 место група 3
3 место група 3 – 2 место група 4
четвртфинале, 28/04/2026 – 05/05/2026
3 место група 3 / 2 место група 4 – 1 место група 1
3 место група 4 / 2 место група 3 – 1 место група 2
3 место група 1 / 2 место група 2 – 1 место група 3
3 место група 2 / 2 место група 1 – 1 место група 4
Ф4 Хамбург, 30/05/2026 – 31/05/2026
























