Нов тренер на Вардар е легендата на „црвено-црниот“ тим Иван Чупиќ, кој по пауза од пет сезони се враќа во Скопје, но во друга улога.
Тој беше врзан со договор за неговиот матичен клуб Метковиќ, па затоа Вардар мораше да му плати оштета на хрватскиот клуб.
Според „24Сата“, Вардар платил 30.000 евра за Чупиќ да биде ослободен пред истекот на неговиот договор со Метковиќ.
„Метковиќ е мој дом, моја куќа. Но, во професионалниот живот работите понекогаш се случуваат непланирано, и разделбата дојде побрзо отколку што очекував. Благодарен сум на управата за укажаната шанса да бидам тренер минатата сезона, на тренерите од младинскиот погон од кои многу научив, и секако – на играчите за нивниот професионализам, посветеност и постигнување на заедничките цели. Ова не е збогум, само довидување“, изјави тогаш Чупиќ.
Еден Чупиќ замина, но другиот остана. Братот на Иван, Лука Чупиќ, потпиша нов договор со Метковиќ и ќе ги брани боите на овој клуб до 2027 година.