За Иван Чупиќ тренерот на Вардар, сезоната не се мери само со тоа што ќе се случи на 1 јуни и дали на крајот ќе биде освоена титулата. Многу поважно е како тимот ќе расте низ целиот процес, како ќе се гради заедништвото и како секој ден ќе се создава победничка атмосфера во соблекувалната и на теренот.
Утревечер (20,45 ч. СЦ „Јане Сандански“) Вардар го игра мечот со Бенфика од Главната фаза на Лига Европа. Тој меч може да покаже дали скопјани ќе играат во осминафиналето и од ко еместо ќе тргнат.
Тој нагласува дека Вардар во овој момент не го игра својот најдобар ракомет, но тоа и не е најважно во оваа фаза од сезоната. Според него, тимот треба да биде на највисоко ниво во март, април и мај, кога се решаваат најважните натпревари. Затоа, фокусот не е само на убавата игра, туку и на резултатот, дисциплината, одбраната и способноста да се игра под притисок.
Чупиќ смета дека секој играч има своја улога во тој процес и дека тимот мора да учи и да напредува од натпревар во натпревар. Иако признава дека минатата недела против Мелсунген не биле на посакуваното ниво, пораката е јасна – слабостите треба да се поправат, а тимот да продолжи да расте.
„Моите зборови отсекогаш биле дека е важно да играш на резултат, дури и ако тоа значи победа со еден гол разлика. Одбраната треба да ја изнесе играта, а фокусот да биде на брзо враќање назад. Во тие сегменти мора да знаеме да играме и да растеме. Секој играч е важен. Треба да знаеме да играме под голем притисок, да знаеме дека секоја топка е важна. Секако, сакаме и подобар ракомет, поубава игра, но тоа не значи само да изгледаме добро за око – туку и да освојуваме бодови, смета Чупиќ
























