Вардар лесно низ Куманово – седум порази по ред за домаќините!

Иако пред три кола го сменија тренерот Куманово се уште е „на дното“ на табелата со само една победа, осварена во првото коло, и следуваат седум мечеви со пораз. Овојпат во Куманово бодови освои Вардар, кој ионака беше фаворит, а победи со 32-25 (16-13).

Гостите допатуваа со 14 ракометари, а во составот ги немаше Јака Малус, Вуко Борозан, Џиниор Тузолана, Гоце Георгиевски, Марио Танкоски, ниту пак повредените Милан Лазаревски и Кристијан Стаменковиќ кои подолго време се отсутни. И без цела седморка немаше дилеми, ниту драма, барем не резултатска. Клупата на гостите беше „помала“, ама поквалитетна.

Кумановци сезонава влегоа со амбиции да бидат во средината од табелата, па дури и да се вмешаат за пласман во плејофот, донесоа и засилувања, ама стартот им донесе само главоболки. Мораат нешо подрастично да сменат за да можат да бидат барем во златната средина од табелата, бидејќи досега не покажаа квалитет за „чекор плус“.

Тргна Вардар добро, со предност од 4 гола, а на две минути пред крај на првиот дел Куманово намали на 13-14. Но, тоа беше само моментална слабост на гостите, а домаќините немаа „клупа“ што може да направи изненадување. Па брзо се вратија на некои „нормални 3 гола“ колку што вообичаено беше дотогаш предноста.

Во второто полувреме им даде подеднаква шанса на сите тренерот Иван Чупиќ, па Кавада се смени со Боно, Ќосевски со Пинто, Митровиќ со Марчинијак, а Горига со Талески. И за три минути во вториот дел вардарци пак имаа предност од пет гола (19-14) што беше прво А во највисоко водство на гостите.

Потоа предноста се зголеми на шест гола, со што почна и „распадот“ на домашната одбрана, која во 39 минута имаше негатива од 16-23, а три минути подоцна повторно имаше позитива од седум гола (25-18). На средината од вториот дел гостите веќе стигнаа до осум гола предност

Она што не го сопре одбраната на Вардар, заврши во рацете и нозете на голманот Васил Гогов кој имаше двоцифрен број одбрани. Стигна Вардар и до предност од 28-19 во 49 минута, па веќе беше и повеќе од јасно кој ќе победи.

На пет минути до крај на мечот преку Марио Стојановски првпат ја „раситни“ десетката и Вардар поведе со 32-22. До крај домашните само намалија на „подносливи“ 32-25.