Екипата на Вардар ја продолжи победничката серија во Женската лига и на гостувањето во Штип кај Астибо триумфираше со 40:28 во натпревар од 6. коло.
За „црвено-црните“ победата против составот на Асибо беше петта во низа и избраничките на Александар Царчев со новите освоени бода за момент го презедоа лидерското место на табелата.
Домашниот тим во дуелот со некогашниот шампион на Македонија издржа само неколку минути, беше рамноправен до 2:2, потоа на сцена доминираа ракометарките на Вардар, кои од минута во минута го зголемуваа водството и на пауза заминаа со плус 11, 23:12.
Ниту во вториот дел немаше промена на теренот, па така ракометарките на Царчев рутински ја одржуваа стекнатата предност од првиот дел и дојдоа до победа, која беше изразена со 12 гола разлика.
Најефикасна во редовите на Вардар беше Борјана Коцева со осум погодоци, еден помалку постигна Бојана Радевска.
Кај поразениот табор стандардно најдобра беше искусната Марија Анчева, која со десет погодоци беше и најефикасна на дуелот.