Вардар играше ШАМПИОНСКИ и осигура осминафинале во ЛЕ

Вардар го оствари планираното за овој дел од сезоната и се пласираше во осминафиналето на Лига Европа, откако ја победи Бенфика со 33-27 (15-14). Но, не само што ќе игра меѓу 16-те најдобри, туку „црвени-црните“ сега се најмалку второпласирани, а можат да играат и за првото место.

Вардарци се на првото место во групата со 6 бода исто колку и Мелсунген. Бенфика и Кристијанштад имаат по 4 бода. Последното коло ќе реши за конечниот изглед на табелата, а таму Вардар гостува во Германија кај Мелсунген, додека Бенфика е домаќин на Кристијанштад.

Кога „додаде гас“ македонскиот тим за 15 минути игра во вториот дел ја направи предноста која му донесе сигурна завршница, голема радост на трибините за триумфот кој му носи голем потстрек за во иднина. За да имаат подобра меѓусебна гол разлика при евентулано ист број бодови им требаше триумф со најмалку пет гола.

Во 45 минута беше 26-20, а две минути подоцна Боно му донесе водство од „плус 7“ на домашниот тим. Намалија гостите на 28-24, и почна да се игра „гол за гол“. Вардар зголемуваше на пет, а Бенфика намалуваше на четири гола.

Во последните две минути од мечот Вардар влезе со предност од 31-26 и напад кој Малус го реализираше за „плус 6“ и водство 32-26. Тоа беше причина гостинскиот тренер да бара тајмаут, и во последните 90 секунди да бара решение. Последните 45 секунди беа во знакот на Вардар кој го имаше нападот со кој можеше да стави точка на се. И Јака Малус погоди за дилириум на трибините и победа од 33-27.

На почетокот на средбата се знаеше што му треба на Вардар. Откако го дознаа резултатот од Шведска каде Кристијанштад го победи Мелсунген, за вардарци немаше многу опции, а најсигурната беше победа, и со повисока гол разлика.

Така и тргнаа домаќините, со водство кое веднаш отиде на плус 2-3 гола. Во напад головите беа распоредени на повеќемина играчи, и само поради неколкуте технички грешки предноста не беше и повисока. Вукашин Воркапиќ во 19 минута му го донесе дотогаш највисокото водство на Вардар од 8-4.

Брзо се менуваа екипите во постигнување голови, на двете страни, но вардарци ја задржуваа таа предност од 3-4 гола. Брзата игра носеше и грешки, па така на две неискористени акции гостите возвратија со голови и намалија на 10-8, и плус Лазаревски беше исклучен. Потоа за два напади откако Вардар зголеми на 11-8, Бенфика погоди, а исклучување доби и Јанковски.

Со пет играчи во поле и без голман, направената грешка во напад беше казнета, и Бенфика намали на 11-10 во 25 минута. Но, и со играч помалку Малус реализираше за нова радост на трибините, иако Бенфика брзо возврати.

Интензитетот на играта беше на високо ниво, па и грешките беа составен дел, но наместо неколкуголови предност во соблекувалните се замина со минимални 15-14.