Ракометарките на Вардар во последното коло од регуларниот дел од Женската лига славеа убедливо против Шампион со 37:19.
Избраничките на Платон, без разлика на ривалот, одиграа максимално фокусирани во двете полувремина, а шанса имаа сите ракометарки од вардаровата клупа.
Вардар на пауза замина со предност од 18:8 и рутински ги одигра вторите 30 минути, кои беа повеќе формалност.
Најефикасни во победничката екипа беа Ива Кимовска и Дона Тодоровска, двете ракометарки имаа по седум погодоци.
Кај поразениот табор се истакна Мила Филипова, која беше единствено расположена кај Шампион, натпреварот го заврши со осум реализации.
Актуелниот шампион Ѓорче Петров немаше милост против Спартак, триумфираше со 49:10.
Составот на Симе Симовски во првиот дел постигна 28 гола, а прими само шест, додека во второто полувреме немаше поголема промена на теренот.
Во победничката екипа се истакнаа Емилијана Ризоска со 11 и Ева Божиновска со девет гола, кај Спартак прво име беше Зорица Андовска со пет гола.