Вардар и Бутел ја отворија сезоната на тест натпревари

Maкедонските суперлигаши Вардар и Бутел Скопје го отворија периодот на тест натпревари пред стартот на напорната сезона во која ги очекуваат и домашни и меѓународни предизвици.

На натпреварот одигран денеска во Пехчево, славеше вицепрвакот Вардар со 33-21, откако и по првиот дел имаа предност со 14-7.

Овој натпревар беше убава можност за тренерите Иван Чупиќ и Горан Кузманоски да ги видат на дело новите ракометари, но и да воиграат комбинации за следните предизвици.

Шанса за настап добија сите од двата тима, а по кратка пауза двете екипи ќе им се вратат на пријателските средби. Бутел Скопје го очекува настап на Струшкиот турнир, додека Вардар ќе настапи на турнирот во Охрид.

Сезоната за Вардар ќе почне на 3 септември со Супер Куп натпревар против Еурофарм Пелистер, додека Бутел Скопје ќе игра на 6 септември натпревар во Луксембург против Дуделанж од ЕХФ Европскиот Куп.