Во овој викенд на програмата во Супер лигата ќе бидат натпреварите од 4. коло, во кое се очекува да има неколку интереси средби.
Новото коло ќе биде отворено со дуел меѓу екипите на Куманово и амбициозниот Тиквеш.
Куманово во досегашните три кола беше поразен од Охрид, Струга и од дебитантот Аеродром, додека Тиквеш имаше посакуван старт и моментално има „три од три“.
Екипата на Струга, која атакува на пласман во плеј-оф фазата, има шанса да дојде до втора сезонска победа, бидејќи за ривал го има Скопје.
Охрид, кој е предводен од Стевче Алушовски, пред своите навивачи ќе игра против вториот тим на битолчани.
Актуелниот бранител на титулата, тимот на Еурофарм Пелистер, ќе му гостува на Вардар Неготино и на овој дуел се очекува избраниците на Александар Јовиќ без многу проблеми да дојдат до нови бодови на свое конто, откако во претходните две кола славеа над Голден Арт и Мулти Есенс.
Неготинци имаат три порази, загубија од Пролет, Голден Арт и Прилеп. Ракометарите на Котевски ќе треба да дадат повеќе од потребното на следните дуели за да го поправат лошиот впечаток.
Ракометарите на Прилеп, кои имаат две победи, против Бутел Скопје и Вардар Неготино, во рамки од 4. коло ќе играат против Вардар. Прилепчани со поддршка од својата публика можат да се покажат како доста незгоден противник, но и „црвено-црните“ знаат дека не се освојуваат лесни бодови во градот под Марковите Кули.
Вицепрвакот Алкалоид четвртата победа ќе ја бара во дуелот со Аеродром, додека интересен дуел се очекува да има меѓу Пролет и Мулти Есенс, односно Бутел Скопје и Голден Арт.
Супер лига, 4. коло, распоред:
Група А
30/09, 13:00 часот, Куманово – Тиквеш
30/09, 14:00 часот, Струга – Скопје
30/09, 18:30 часот, Охрид – Еурофарм Пелистер 2
30/09, 19:00 часот, Аеродром – Алкалоид
Група Б
30/09, 18:30 часот, Вардар Неготино – Еурофарм Пелистер
30/09, 18:30 часот, Прилеп – Вардар
30/09. 18:30 часот, Пролет – Мулти Есенс
01/10, 18:00 часот, Бутел – Голден Арт