Дојде како привремена замена во септември по повредата на Кеита, но сега клубот реши да го задржи уште 1,5 сезона. Левото крило Џуниор Тузолана и РК Вардар се договорија за продолжување на соработката, потврдија од клубот, и тоа до крајот на сезоната 2026/2027.
„Тузолана пристигна во клубот во септември како краткорочно засилување на позицијата лево крило, но со својот настап, ангажман и енергија брзо се наметна како играч што дава стабилност и сигурност на тимот, поради што управата без двоумење ја активираше опцијата за продолжување на договорот.
Тузолана веднаш се вклопи во системот и покажа дека е подготвен да одговори на темпото и барањата на клубот. Неговото искуство од француската лига, брзината во транзиција и сигурната реализација донесоа важна димензија во нападот, а истовремено создадоа дополнителна конкурентност во ростерот, се вели во објавата на клубот.
Продолжувањето на соработката е силна порака дека Вардар размислува долгорочно и дека квалитетот и карактерот секогаш ќе бидат основа во изборот на играчи што го носат црвено-црниот дрес.
























