Македонскиот вицепрвак Вардар се пласираше во финалето на силниот турнир во хрватскиот град Лабин, откако славеше против словенечкиот првак Слован Љубљана со убедливи 41-30.
Победникот беше решен на стартот на вториот дел, кога по 21-20, Вардар се одлепи на плус седум, 27-20 и до крајот само рутински ја задржа високата предноса без никакви проблеми.
Вардарци водеа со 9-6 по десетина минути игра, а во еден момент имаа двајца играчи повеќе на теренот, но не искористија две прилики преку Митровиќ. Гогов беше солиден во овој период, но и Бојиќ бранеше добро на спротивната страна.
Гогов му фати уште еден зицер на Брозовиќ, Горига казни и Вардар се одлепи на плус четири, 12-8. Водеа „црвено-црните“ и со пет гола, можеа до уште повисока залиха, но промашуваа во повеќе наврати вардарци.
Чупиќ ги ротираше сите играчи во вардаровиот состав, во кој недостигаа Боно и Стаменковиќ. Танкоски доминираше во нападот, постигна неколку голови серија, но Слован веднаш враќаше, па на пауза беше 21-17 за Вардар.
Слован се закани на стартот на вториот дел и успеа да ја намали негативата на минус еден, 21-20, но оттогаш се разбрани Валах, крилата на Вардар ги реализираа сите шанси, погодуваа Лазаревски, Пинто, Марчињак…и „црвено-црните“ се одлепија на 27-20.
Тука веќе беше решен победникот, а Скубе и соиграчите од Љубљана, кој не ги водеше главниот тренер Урош Зорман, немаа многу решенија во нападот. Не играа ни повредениот Љевар, ниту Сухолежник кој штотуки се врати од ЕП, но тоа воопшто не ја намалува вредноста на триумфот на Вардар.
„Црвено-црните“ на десет минути до крајот имаа и десет гола залиха, 35-25, па немаше никакви дилеми кој ќе слави. Противник на Вардар во финалето на турнирот во Лабин ќе биде Загреб, кој во првото полуфинале беше подобар од Сесвете со 24-22. Мечот меѓу Вардар и Загреб ќе се игра утревечер во салата „Франко Милета“ од 20:15 часот.

























