Вардар го „сруши“ шампионот во Скопје

Вардар ја продолжи серијата на победи во домашното првенство, а во 5. коло го победи и актуелниот шампион, Еурофарм Пелистер со 31-28. По четири натпревари во кои битолчани победува сега во Скопје немаа шанса да освојат бодови.

Каков беше интензитетот на мечот покажува фактот што првото полувреме се играше 57 минути, наместо планираните 30. Црвен картон, прекин од неколку минути. Тензија на трибините, адреналин кај играчите. Мечот траше повеќе од два часа.

Мечот почна со водство на гостите, а после втората минута Вардар го презеде водството. Тргна Вардар во напад и имаше водство. Од 11 минута домашните мораа да играат без Вуко Борозан, кој доби директен црвен картон. И покрај тоа Вардар го диктирапше темопот и резултатот, имаше и „плус 3“.

Во 23 минута мечот неколку минути беше во прекин откако гостинските навивачи влегоа во салата и веднаш фрлија запален факел кон неутралната публика блиску до нив. Реагираа сите навивачи, а оние од спротивната страна сакаа да ја прескокнат оградата и да се пресметаат со гостите. Полицијата брзо реагираше, гостинските играчи со молби кон своите навивачи да бидат коректни, и после неколку минути мечот продолжи.

Им годеше тој прекин на гостите кои намалија на 13-12, но Вардар повторно зголеми на „плус 3“ за водство 16-13. На полувреме заминаа играчите со резултат 16-14 во корист на Вардар, и а домаќините имаа и исклучен играч.

Валах на самиот почеток одбрани една топка, за Вардар да зголеми на 17-14. Имаа шанса вардарци првпата да одат на четири гола, ама при резултат 18-15 не искористија напад, а во контра Радивојевиќ намали на два гола негатива. Удар на Вардар заврши во стативата на битолчани кои добија шанса во напад за нов гол, кој го постигнува Филип Кузмановски за намалување 18-17. И повторно Вардар не искористи напад, а на спротивната страна од пенал Дејан Манасков израмнува на 18-18 во 38 минута.

Петте минути пауза без гол за Вардар ја прекина Николас Боно кој од пенал пак му донесе водство на домаќинот, 19-18, а Валах одбрани озвоможувајќи им на своите соиграчи да се изборат за нов пенал. И повторно Николас Боно зголемува на 20-18 во 40 минута.

Брзо се менуваат работите на терен, па прво Еурофарм Пелистер израмни 20-20, а Вардар брзо врати за ново водство 21-21, и сега се играше „гол за гол“.
Никола Митревски во неколку секунди одбрани два зицери на Боно, прво од пенал, а потоа и одбиената топка од шест метри. Гостите добија шанса за водство, ама направија грешка и Гоце Георгиевски во контра постигна гол за ново водство, 22-21.

Секоја грешка скапо се плаќа, а ривалот ја користи секоја шанса. Сега Вардар двапати одлично реагираше, одбраната и Валах сопреа упатени топки и во контра брзо зголемија на 24-21. Сега Рубен Гарабаја мораше да бара минута одмор и да се обиде нешто да смени, на речиси половина од второто полувреме, во 44 минута.

Митревски пак не му дозволи на Вардар на оди на „плус 4“ откако го одбрани пеналот на Боно, а во следниот напад Манасков со својот деветти гол на мечот намали на 25-23. Чиста позиција на Урош Митровиќ и шут заврши во рацете на Митревски, исто како и контрата на Тузолана. Голманот на Еурофарм Пелистер беше оној кој не дозволи домаќинот да избега „резултатски“.

Последните 10 минути почнаа со тајмаут за Вардар, бидејќи Иван Чупиќ мораше малку да ги смири и посоветува играчите кои правеа шанси и зицери, ама немаа реализација. Изнудија исклучување на Хенингман, а потоа со играч повеќе Талески зголеми на 26-23. Еурофарм Пелистер брзо врати иако со играл помалку. И пак можеа гостите да намалат, ама Валах одбрани, а потоа на разредена одбрана на битолчани, ударот на Горига заврши во стативата.

Уште еден обид на Вардар да дојде до највисоката предност од четири гола не успеа, бидјеќи пак Никола Митревски одбрани удар, овојпат на Тузолана, а на спротивната страна Хенингман погоди, и во следниот напад гостите намалија на 28-27 во 57 минута.

Дејан Манасков кој трипати беше успешен од пенал во 58 минута не реализираше од линијата за седум метри, бидејќи Милош Валах го одбрани пеналот. Филип Талески во 59 минута зголемува на 30-27 што беше најава за славење на трибините. Но, гостите брзо вратија и во последната минута Вардар имаше и напад.