Вардар имаше само 10 минути лош период во Охрид, но, не дозволи да биде изненаден во 8. коло од плејофот, и „црвено-црните“ триумфално се враќаат дома, со победа 25-21 (12-11). Им останува само уште еден меч пред решавачкиот дуел за титулата со Еурофарм Пелистер.
Сега следува недела во која ќе се дели Куп трофејот, а потоа уште две кола. Охрид својата рехабилитација ќе ја бара во Купот на 31 мај, во полуфиналето со Еурофарм Пелистер, за да може да се надева на трофеј.
Вардар тргна добро, со водство кое го имаше се до 16 минута кога имаше предност од 6-4. И тогаш како да застанаа гостите од Скопје, а се разиграа домашните. Голманот Чаневски одбрани два пенали, а Охрид имаше серија со која поведе 9-6. Тешко им одеше на „црвено-црните“ врзат добра акција, а охриѓани како да го имаа рецептот за успех.
Кај домашните немаше тројца стандардни играчи, Јотиќ, Орјоникидзе и Сафранко, а гостите беа без Пинто, Ашраф, Крсманчиќ. Вардар играше со тројца пивотмени, со Коиј, Лазаревски и Аларов.
Следниот период Охрид имаше предност, неколкупати со три гола, а во самата завршница Вардар успеа да намали и на само гол негатива, 10-11, и таа предност од само еден гол домашните ја задржаа и на полувреме, кога заминаа во соблекувалните со предност 12-11.
Само што почна вториот дел Вардар повторно се разбуди, и не само што израмни туку и поведе со два гола. Сега Охрид беше тимот што требаше да „брка“ резултат. Иако Вардар имаше предност од 15-13, Охрид во 41 минута израмни на 15-15.
Кратко траеше отпорот на Охрид, и гостите пак имаа предност од два гола, 17-15 и 18-16. Иако гостите и по третпат не реализираа пенал, во 46 минута ги имаа највисоките „плус 3“ дотогаш за Вардар, 19-16. Во следните четири минути Охрид успеа еднаш да погоди, а двете екипи имаа по два нереализирани напади.
Тренерот Гиљермо Милано во 50 минута го побара својот тајмаут, сакајќи да подели совети со кои играчите ќе успеат да ја задржат предноста што ја имаат. Мечот влезе во клучните, и последни 10 минути. Наместо реализација Охрид ја загуби топката а Чаневски погоди од гол на гол, за намалување на резултатот на 18-19.
Наместо неизвесност, Охрид дозволи да примини три гола, и ривалот да поведе со 22-19 во 56 минута. Сега Стефче Алушовски бараше минута одмор за совети. Васил Гогов повторно имаше одлична партија, ги откажа домашните, а на спротивната страна Јагуриновски реализираше за предност 23-19. На три минути до крај веќе се беше јасно. Следниот гол, 24 за Вардар стави точка на секоја дилема.
Следува викенд во кој ќе се решава Куп победникот, и двата тима ќе играат на тој Ф4 турнир, но со различни ривали во полуфиналето. Потоа следуваат двете решавачки кола. Вардар гостува кај Тиквеш, а Охрид од во Автокоманда.
Во последното коло Вардар е домаќин на Еурофарм Пелистер, а Охрид го пречекува Тиквеш.
Во победничкиот тим пет гола постигна Вуко Борозан, а по четирипати се запишаа во листата на стрелците Томислав Јагуриновски и Хансер Родригез. Во тимот на Охрид најмногу голови даде Хирохи Мацуока – 5, а четири гола постигна Дејан Кукуловски