Ракометниот клуб Вардар добива сериозно засилување во стручниот штаб за следната сезона. Легендарниот хрватски голман Марио Келентриќ ќе биде новиот тренер на голманите на сениорскиот тим, носејќи богато искуство и енергија.
Македонскиот клуб ја потврди најавата на 24ракомет дека Хрватот ќе биде дел од стручниот штаб и тренер на голманите.
Келентриќ, кој беше дел од златната генерација на Хрватска што ја освои светската круна во 2003 година во Португалија и злато на Олимписките игри во Атина 2004, ќе работи со голманите на првиот тим, со цел подигнување на нивото на индивидуалната подготвеност.
Досегашниот тренер на голмани, Стојан Петрушевски, останува дел од стручниот кадар и ќе биде задолжен за развојот на млади таленти низ младинските категории, како и за скаутирање на нови имиња – со цел создавање на квалитетен домашен производ за иднината на Вардар.
Келентриќ во својата богата кариера ги бранеше боите на клубови како Загреб, Целје, Метковиќ, Тусем Есен, Мелсунген, а како тренер работеше во Гумерсбах, каде последниве четири години беше задолжен за сите категории на голмани во клубот. Работел и со репрезентацијата на Босна и Херцеговина, а краток период мина и во ППД Загреб и Слога Добој.