По лесната победа над Охрид, ракометарите на Вардар остварија уште еден лесен триумф во суперлигашкиот триумф, овојпат кај Тиквеш во Кавадарци со убедливи 11 голови разлика, 35-24.
Сега „црвено-црните“ имаат 50 бодови на првото место на табелата, осум повеќе од второпласираниот Еурофарм Пелистер, кој има 42 бода, но и меч што допрва треба да го одигра против Охрид.
Вардар за три минути поведе во Кавадарци со 4-0 и најави дека ќе има лесна задача против Тиквеш. Не форсираа многу „црвено-црните“, туку играа колку што треба за да ги освојат бодовите.
Валах беше солиден на голот и избраниците на Чупиќ одржуваа висока позитива, која отиде и на шест гола по контранападот на Воркапиќ, 16-10. До паузата имаше уште еден гол на двете страни.
Второто полувреме беше само формално одработување на задачата, имаа серија гостите од 8-1 и набрзина ставија до знаење кој е кој на оваа пресметка. Беше 25-12 по 40 минути игра, а домашните немаа решенија како да му спротистават на фаворитот, па до крајот немаше возбудувања на теренот.
Голманското трио Валах, Гогов и Богдановски собра 12 интервенции, а во нападот одлични беа српските репрезентативци Митровиќ со осум и Воркапиќ со седум гола, додека кај Тиквеш најдобар беше Стојановски со 11 погодоци.
Сега Вардар ќе може да се подготвува за мечот против Бутел Скопје кој ќе биде проверка за дуелите од Купот на Македонија и четвртфиналето од Лигата на Европа.























