Тимот на Вардар продолжува активно да работи на играчкиот кадар за наредната сезона во Женската лига.
Најново име во ростерот на Анжела Платон е средниот бек Марија Голабоска, која доаѓа од тимот на Стружанка.
Средниот бек беше најдобар стрелец на кадетскиот Ф4 пред три сезони, а минатата сезона беше меѓу најдобрите во Стружанка.
Беше прогласена за „ѕвезда на колото“ по едно од колата во Женската лига во изборот на 24Ракомет.
Претходно Вардар ги продолжи договорите со Симона Василева и Андреа Илиќ, како и со четирите младински репрезентативки – Леона Миленкоска, Вероника Ѓорѓиевска, Нина Попова и Бојана Радевска. Останаа и Михаела Велјаноска, Нина Милевска, Дафина Соколовска, како и сестрите Ива и Ивона Кимовски.
Од „црвено-црниот“ тим си заминаа сестрите Бојана и Борјана Коцеви, кои го засилија градскиот ривал Металург Автокоманда, а нови ракометарки се Јасмина Попова и Сара Богојеска.