Иако играше без речиси половина тим, Вардар немаше проблеми да ја оствари 12. победа по ред во домашното првенство, 36-21 (16-9) против Струга. Со овој натпревар почна вториот дел од регуларната сезона во машката Супер лига.
Доволно е да се спомене дека Вардар петпати ја погодуваше стативата на голот на Струга, а голманот Васил Гогов имаше седум одбрани во првото полувреме, за да се има вистинскиот впечаток за разликата во класа, и зошто „црвено-црните“ водеа со 16-9.
Домашниот тренер Иван Чупиќ реши да одмара дел од стандардните првотимци: Валах, Малус, Борозан, а ги нема ниту повредените Еспиња, Кеита, Лазаревски, Стаменковиќ. Мечот беше решен според очекувањата уште во првото полувреме. За 20-тина минути гостите постигнаа 6 гола, а исто толку одбрани имаше и Гогов, а уште пет шута завршија во стативата. Можеше предноста да биде уште поизразена во корист на домаќините.
Комбинираше Чупиќ со играчите па откако во првотополувреме играа поискусните, потоа им даде можност повеќе за играње и на Стојановски, Ќосевски, Танкоски, Богдановски. Таа постава ја „мина“ границата од десет гола предност, па во 43 минута Вардар имаше предност од 24-12. Немаа шанса гостите, бидејќи темпото што го наметна Вардар тешко се следеше. До крај остана двоцифрената предност за Вардар.
Харуки Кавада постигна 6 гола, а еден помалку даде Марио Танкоски кај Вардар. Во тимот на Струга Стефан Атанасовски постигна 4 гола.
Во следното коло Вардар е домаќин на Еурофарм Пелистер 2, а Струга треба да го пречека тимот на Охрид.
























