Узунчев: Во Охрид одиме со јасна цел – да прикажеме дисциплинирана и борбена игра

Ракометарите на Бутел Скопје се на чекор до пласман во плеј-офот во Супер машката лига и се наоѓаат на шестото место со 20 бодови, но своја шанса од позадина чекаат Еурофарм Пелистер 2 со 19 и Прилеп со 18.

Бутелци ги чека тешко гостување во Охрид во заостанатиот натпревар од 21 коло од елитната конкуренција.

Левиот бек Тодор Узунчев вели дека ќе се искористи секоја укажана шанса на гостувањето кај силниот ривал.

„Ние на ова гостување одиме со јасна цел – да прикажеме дисциплинирана и борбена игра. Ќе се обидеме нашата игра да ја сведеме на минимум грешки и да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже. Притисокот е кај нив, а ние можеме да играме растоварено и со максимален ангажман. Охрид е стабилен и квалитетен тим, особено кога игра организирано. Опасноста доаѓа од целиот состав и нивната добра соработка на терен“, вели Узунчев.

Најважен ќе биде дуелот против Тиквеш, кој веќе нема притисок околу местото во плеј-оф.

„Точно е дека дуелот со Тиквеш е од исклучителна важност за нас. Со победа на тој натпревар би ги оствариле нашите амбиции за пласман во плеј-оф. Сепак, не го „прескокнуваме“ ниту дуелот со Охрид, секој натпревар ни е како подготовка и можност за освојување бодови и самодоверба“, продолжи Узунчев.

Атмосферата во тимот е позитивна и со целосен фокус кон предизвиците.

„Подготовките одат според планот, со фокус на подобрување на играта и исправување на грешките. Атмосферата во тимот е работна, мирна, со меѓусебна поддршка и целосен фокус на претстојните натпревари“, заврши Узунчев.

Натпреварот меѓу Охрид и Бутел Скопје се игра вечерва од 18:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.