Узунчев: Против Еурофарм Пелистер нема што да изгубиме – одиме да се надигруваме

Ракометарите на Бутел Скопје ги очекува нов тежок натпревар во суперлигашкиот плеј-оф. Шампионот Еурофарм Пелистер доаѓа на гости во салата „Антон Димитров“.

Бутелци одиграа одлично на гостински терен кај Тиквеш во Кавадарци и на крајот несреќно загубија со погодок во последната секунда.

Десниот бек Димитар Узунчев, кој беше меѓу најдобрите на тој натпревар, се сложува дека среќата не беше на нивна страна.

„Ние знаевме како ќе биде во Кавадарци и дека ќе биде тешко. Но и покрај тоа одевме на победа. Изигравме храбро и борбено, но на крајот среќата беше на страната на Тиквеш, иако заслуживме да освоиме најмалку бод“, вели Узунчев.

Младинскиот репрезентативец ги сподели очекувањата од претстојната средба со шампионот Еурофарм Пелистер.

„Бутел Скопје на секој натпревар оди на победа, ни доаѓа шампионот на Македонија ние нема што да изгубиме и одиме да се надигруваме. Ќе дадеме се од себе за поволен резултат. Еурофарм Пелистер е квалитетна екипа со квалитетни индивидуалци,  опасноста доаѓа од секоја позиција, но наша предност е тоа што играме на домашен терен и ќе се обидеме да изненадиме“, заврши Узунчев.

Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер се игра на 17 април во салата „Антон Димитров“ со почеток во 18:00 часот.