Узунчев: Бутел има карактер и квалитет за големи натпревари

Ракометарите на Бутел Скопје ќе ја имаат честа да ја отворат новата сезона во Супер лигата на натпревар со актуелниот првак Еурофарм Пелистер.

Двете екипи се договорија овој натпревар од 1 коло од елитното друштво да го одиграат порано од предвиденото поради европските обврски во ЕХФ Европскиот Куп и Лигата на шампионите.

Левиот бек Тодор Узунчев ги сумираше впечатоците од подготвителниот период и вели дека тимот го склопува играчкиот мозаик.

„Подготовките ги сметам за успешни, бидејќи имавме можност да одиграме квалитетни натпревари и да видиме каде сме во овој момент. Секако дека имаше и добри, и нешто послаби изданија, но тоа е нормално за овој период пред почетокот на сезоната. Најважно е што тимот се вклопува, новите играчи се прилагодуваат и верувам дека ќе влеземе посилни во официјалните мечеви“, вели Узунчев.

Бутел Скопје не можеше да има потешка задача на стартот бидејќи ќе се соочи со шампионот Еурофарм Пелистер.

„Не очекува исклучително тежок натпревар, бидејќи Еурофарм Пелистер е еден од врвните клубови во Македонија и состав со огромен квалитет. Тие располагаат со искусни и врвни играчи на секоја позиција. Сепак, доколку одиграме цврсто и дисциплинирано во одбрана, и максимално ги искористиме шансите во напад, убеден сум дека можеме да им парираме и да покажеме дека и Бутел има карактер и квалитет за големи натпревари“, заврши Узунчев.

Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер е закажан за утре во 18:00 часот во салата „Антон Димитров“.