Уште тројца си одат од Татабања, меѓу нив и екс пелистерецот Периќ!

Екипата на Татабања од Унгарија за следната натпреварувачка сезона 2024/25 планира големи промени во играчкиот кадар, па така амбициозниот клуб ќе остане активен на трансфер пазарот.

Откако пред извесен период клубот ја објави разделбата со Габор Анчин и Матијас Ѓери, двајцата на лето ќе се преселат во Ференцварош, денес преку социјалните мрежи беше објавено дека уште тројца ракометари ќе си заминат од тимот.

Меѓу нив се наоѓа екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Јосип Периќ, кој во Татабања пристигна токму од битолскиот тим. Освен 31-годишниот среден бек од БиХ, од Татабања ќе си замине и унгарскиот репрезентативец Адам Јухач, како и левиот бек Урош Виловски.

За следната сезона во Татабања треба да пристигнат поранешниот член на Вардар, десниот бек Куни Моралес и голманот од Порто, Игнацио Плаза. Клубот до овој момент ги има договорено Матеј Хавран од Зубри и Саду Н’Танзи од ПСЖ.