Уште една легенда на Кометал Ѓорче Петров во стручниот тим на Вардар

ЖРК Вардар го засили својот стручен тим со едно од најзвучните имиња од редовите на некогашниот Кометал Ѓорче Петров.

Станува збор за Лидија Ажиевска, која своевремено беше дел од играчкиот кадар, а подоцна и како член на стручниот тим, но и тренер на младинскиот погон на некогашниот европски првак.

Ажиевска со своето искуство, како ракометно така и лично ќе биде сериозно засилување во пионерската школа на Вардар и ќе придонесе за зајакнување, стабилност и интензит во целокупниот процес во работата со најмладите.

„Денес нашата школо брои вкупно 40 деца, плус пионерскиот и кадетскиот тим како веќе формирани екипи. Условите за работа се идеални, почнувајќи од опрема и реквизити како и три до четири термини во тековната недела. Оваа година во програмата се воведуваат задолжителни турнир натпреварувања. По стариот принцип тоа што функционира добро нема да се менува, школата ја продолжува соработката со СЦ Марко Божиновски -Дупка и тренинзи за најмалите ќе се одвиваат токму тука. Од генерацијата 2012/13 повеќе од 15 девојчиња ќе се префрлат со работа во голема сала со што ќе отпочне создавање на нова помлада пионерска екипа и ќе се одстапи простор за ново запишани членови во ‘Дупка’“, напишаа од Вардар.

Кадетките на Вардар ја освоија титулата минатата сезона, младинките беа вицешампиони, додека пионерките беа елиминирани во четвртфиналето.

Дел од управата на Вардар се Гордана Нацева и Индира Кастратовиќ, во стручниот тим се Анжела Платон, која работи со сениорките и младинките, како и Даниела Новеска, која ги водеше кадетките и пионерките.