Унгарците бараат алиби: Судиите им дозволуваа долги напади на Македонците!

Фаворизираната Унгарија треба да е среќна што освои бод со Македонија, иако лесно можеше да запише пораз на стартот на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.

Селекторот на Унгарија, Чема Родригез, најде алиби во арбитражата и во тоа што судиите и дозволувале на Македонија долги напади, иако и тоа е дел од играта.

„Задоволни сме со ремито. Не примавме лесни голови, но не ги користевме нашите шанси во нападот. Самите си направивме да ни биде многу потешко на оваа средба. Најважно за тимот е да не се предава и кога е тешко, а така беше на крајот. Освоивме бод, што не е толку лошо за прв натпревар на СП. Не беше лесно да се игра против Македонците, посебно кога судиите им дозволуваа толку долги напади и многу додавања. Успеавме да се спасиме и тоа е најважно на крајот“, изјави Родригез.

Искусниот среден бек Мате Лекаи, исто така ја потенцираше арбитражата.

„Не можевме да влеземе во ритам. Кога требаше да се одлепиме или ние грешевме или нивниот голман бранеше. Нападите на Македонците траеја премногу долго, имаше бројни фаули, но тоа не е оправдување. Вистината е дека не успеавме да го скршиме нивниот отпор, одбраната ни беше добра, но во нападот не бевме на посакуваното ниво“, изјави Лекаи.

Следен предизвик за Македонија ќе биде пресметката со Холандија на 17 јануари од 18:00 часот.