Романскиот шампион ЧСМ Букурешт, кој во своите витрини има европски трофеј од Лигата на шампионите од 2016 година, веќе пет години нема пласман на завршниот турнир во Будимпешта.
Ниту оваа сезона не му оди најдобро на ѕвездениот тим предводен од Кристина Неагу, а раководството на клубот излезе со ултиматум за тренерот Адријан Василе, на кој досега му беа простени многу киксови, не само на меѓународна, туку и на домашна сцена.
„Советот на директори реши да му даде полна поддршка на тренерот Адријан Василе, но со проста и јасна цел, која сите сакаме да ја достигнеме – да се пласираме на Ф4. Неисполнување на оваа задача автоматски ќе значи прекин на соработката со тренерот на крајот на сезоната“, изјави генералниот директор на ЧСМ Букурешт, Јулијан Пислару.
Василе има договор со романскиот првак до 2025 година, и доколку добие предвремен раскин, клубот ќе мора да му исплати 66.000 евра.