Ракометната федерација на Украина официјално воведува ново правило со кое се ограничува времетраењето на нападот на 35 секунди, со цел да се зголеми динамиката и квалитетот на играта.
Одлуката доаѓа по детални анализи кои покажале дека украинските селекции играат со подолги напади во однос на европскиот просек. На Европско првенство 2026, просечното времетраење на позиционен напад на Украина изнесувало околу 37 секунди, што е над просекот од 33,8 секунди кај другите репрезентации. За споредба, Франција играла со околу 32,2 секунди по напад, додека Данска со уште побрзи 29,9 секунди.
Новото правило има за цел да го забрза темпото на игра, да го намали пасивното задржување на топката и да ги натера екипите побрзо да креираат и реализираат акции.
Од федерацијата потенцираат дека ограничувањето од 35 секунди нема да биде во спротивност со правилата на ИХФ, особено во делот на пасивната игра, туку ќе функционира во согласност со постојните судиски критериуми.
Оваа промена ќе значи и нов предизвик за тренерите, кои ќе треба да ги адаптираат своите системи на игра кон побрз и поефикасен ракомет, со акцент на брза транзиција и подобра координација во напад.























