Укината суспензијата за голманот: Портнер се враќа на терените!

Раководството на Бундес лигата денеска едногласно одлучи да ја укине суспензијата на Никола Портнер, кој беше суспендиран на 11 април поради позитивен допинг тест.

Ова значи дека швајцарскиот чувар на мрежата ќе може веднаш да се врати на ракометните терени и да го брани голот на Магдебург.

„Допинг тестот покажа дека во урината на Никола Портнер има мало количество метамфетамин, кое отстапува од нормата. Во претресот на станот на Никола Портнер, нареден со суд, не беа пронајдени докази што ќе овозможат да се извлечат заклучоци за консумирање метамфетамин.

Експертските извештаи од независни и реномирани експерти за допинг добиени во понатамошната постапка потврдија дека количината на забранетата супстанца откриена во телото на спортистот била во толку ниска доза што може да се исклучи активната употреба и ефектот за подобрување на перформансите. Наместо тоа, поверојатно е дека контаминацијата не е по сопствена вина, туку преку алтернативен пат кој беше објаснет од спортистот. Тоа го потврдуваат и дадените примероци на коса и урина. Извршниот одбор на Бундес лигата смета дека е веројатно дека немало ниту намера ниту вина од страна на спортистот“, се вели во соопштението на Бундес лигата.

Иако Магдебург беше во преговори за ангажман на Андреас Вулф, сепак се чини дека од тоа нема да има ништо. Вулф е на пат кон Кил, а германскиот шампион ќе смета во иднина на Портнер и Ернандез на голманската позиција.