Удар за српскиот ракомет – легендарен тим се повлече од лигата!

Поранешниот финалист на Купот на шампионите и долгогодишен гигант на српскиот ракомет, Пролетер од Зрењанин, се откажа од Аркус лигата во Србија поради тешка финансиска состојба.

Во дописот што клубот го испратил до раководството на лигата не е прецизирано дали станува збор за целосно згаснување на клубот или само за повлекување од натпреварувањето.

„И покрај сите напори што ги вложивме, принудени сме да се помириме со фактот дека мора да истапиме од лигата за која пласманот го изборивме на теренот и во која, за време на есенскиот дел од сезоната, бевме рамноправен ривал на поголемиот дел од екипите. Со надеж дека во годините што следат ќе успееме да го спасиме клубот од целосно згаснување, им посакуваме успешно продолжение на сезоната на сите останати клубови“, се наведува во соопштението на клубот.

Сите натпревари на Пролетер Зрењанин до крајот на сезоната ќе бидат регистрирани со службен резултат 10:0, што во одредена мера ќе ја олесни борбата за опстанок на екипите од долниот дел на табелата.

Исчезнувањето на ракометен клуб од град со големина и традиција каква што има Зрењанин претставува уште еден сериозен удар за српскиот ракомет, а иста судбина го очекува и српскиот вицепрвак кај дамите, Железничар Инџија.