Убав гест на шампионот Еурофарм Пелистер – ги обединува сите битолски легенди!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, повторно покажа дека вистинските вредности не се мерат само со титули, туку и со почит.

Клубот од Битола ја започна акцијата „Легендите на Пелистер“, со која симболично, но моќно ги обединува генерациите што ја граделе ракометната историја на градот.

Секој поранешен ракометар кој одиграл најмалку 101 натпревар за некој од следните битолски клубови – РК Пелистер, РК Пелагонија, РК Работник, РК Еурофарм Работник или РК Еурофарм Пелистер, ќе добие сезонски билет за сите натпревари на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 во текот на сезоната 2025/26.

„Ќе ни претставува голема чест и гордост повторно да ги видиме нашите легенди во салата „Боро Чурлевски“, на истото место каде што низ децении ја испишуваа историјата на битолскиот и македонскиот ракомет. Колку што легенди има Пелистер, немаат сите други клубови заедно,“ порачаа од клубот.

Сите поранешни ракометари кои ги исполнуваат условите, може да го подигнат својот билет во клупската канцеларија најдоцна до 5 септември 2025 година.

Со овој гест, Пелистер не само што ги обединува генерациите, туку испраќа јасна порака – традицијата, историјата и луѓето што го создале клубот никогаш нема да бидат заборавени.