Турски шок за Татабања, Бузау по 35 часа кошмарно патување загуби кај Целје!

Турскиот тим Бурса Нилуфер, кој играше на Струшкиот турнир минатата година, успеа да извлече нерешен резултат, 31-31 кај првиот фаворит за трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, унгарската Татабања.

Ако се гледа конечниот резултат, тогаш Турците можат да бидат задоволни, но ако се знае дека Бурса водеше во повеќе наврати со по пет гола, тогаш тие може да жалат што не победија во Унгарија.

Татабања се спаси од пораз во финишот, а тимот на Филип Талески, кој остана без гол, во реваншот мора да брка триумф на жешкиот терен. Елеш и Краковски имаа по пет гола, а екс голманот на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељ, имаше 12 одбрани. Во турскиот состав, Јадегари имаше девет гола, седум даде Ерсин, а шест пати погоди екс членот на Охрид, Дејан Шешиќ.

Словенечкиот Целје славеше над романскиот Бузау со убедливи 41-32, но за овој пораз гостите бараат изговор во долгото патување. Иако уште во четвртокот го почнале својот пат од Букурешт за Белград со авион, нивниот лет од српскиот главен град до Љубљана, бил на два пати одложуван поради невреме.

На крајот решиле да патуваат со автобус од Белград за Целје, но по патот ги фатило ново невреме со снег и дожд, па и тоа се оддолжило, за конечно да стигнат во словенечкиот град во петокот доцна навечер.

На паузата Целје водеше со 18-12, а во последните десетина минути Бузау комплетно се распадна и домашните го искористија тоа за триумф со девет гола. Маргуч со седум и Анжиќ со шест гола беа најдобри кај Целје, додека кај Бузау се истакнаа Тарица и Раца со по седум погодоци.

Победникот од овој двомеч ќе игра со победникот од двомечот меѓу Олимпијакос и Охрид во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп.