Француски Тулуз, еден од ривалите на Вардар во групната фаза од Лига Европа, игра променливо во домашното првенство, и има серија од два порази по ред. Во последното коло Тулуз кој моментно е на 11 место во 16 екипи во Франција, загуби на гостински терен од Сент Рафаел со 28-33.
Предноста што Сент Рафаел ја направи на полувреме, 19-14 се покажа како решавачка. Дури во последниот период од првото полувреме домашните направија серија од 5-0 со која „избегаа“ на 19-14. Во второто полувреме Тулуз двапати стигна до „минус 2“, но без сила за пресврт. На мечот со Сент Рафаел, двете крила Немања Илиќ и Едуард Кемф постигнаа заедно 13 гола и беа најпрецизни.
Во екипата на Тулуз игра и Бакари Дијало, поранешниот играч на Вардар, а тимот е составен од повеќе интернационалци од Шведска, Србија, Белгија, Романија, Конго, Словенија и Шпанија. Тренер е Данијел Анѓелковиќ.
Сезонава Тулуз почна со два порази во првенството на Франција, од Трембел и Нанте, потоа „врза“ два триумфа над Шартр и Шамбери, па следуваа два порази по ред, на Аикс и Сент Рафаел.
Во Лига Европа, во вторник Тулуз е домаќин на Кристијанштад, а потоа на 18 октомври игра домашен меч од првенството со Истр. На 21 октомври во Тулуз треба да гостува Вардар во рамките од второто коло на групната фаза од Лига Европа.