Поранешниот тренер на женскиот шампион на Романија, ЧСМ Букурешт, Адријан Василе, направи неочекуван пресврт во кариерата – наместо нов ангажман во ракометот, тој потпиша договор за телевизиски проект и ќе биде дел од новата сезона на реалити шоуто Survivor.
Василе, кој последен пат беше на клупата на ЧСМ, беше разрешен на почетокот на ноември поради лошите резултати во Лигата на шампионите, каде тимот во тој момент имаше само две победи во шест натпревари во групната фаза. Сега, наместо спортски проект, пред него е поинаков предизвик – според најавите, ќе помине околу шест месеци во услови на натпреварување надвор од комфорната зона.
Во својата прва реакција, Василе ја опиша новата улога како сериозен тест, со слична психолошка тежина како натпреварите на највисоко ниво. Тој истакна дека за успех во Survivor, клучни се менталната цврстина, физичката издржливост и стратегијата, додавајќи дека пресудните моменти ги доживува исто како на меч – со целосна фокусираност и адреналин.
Во јавноста се потенцира и финансискиот контекст – Василе во ЧСМ Букурешт наводно имал плата од околу 10.000 евра месечно, додека за телевизискиот ангажман се споменуваат пониски, но стабилни месечни примања, некаде околу 6.000 евра.
Адријан Василе сезонава се врати во ЧСМ, клуб кој го водеше како прв тренер во подолг период и претходно беше дел од стручниот штаб како помошник. Во кариерата има и селекторска улога, бидејќи во периодот 2021-2022 беше предводник на женската репрезентација на Романија.
























