Во финишот на сезоната Охрид ќе биде уште посилен – доаѓа некогашниот среден бек на Вардар, Косуке Јасухира!
Според информациите на 24Ракомет, јапонскиот интернационалец се враќа во македонското првенство и ќе им помогне на „гладијаторите“ во походот кон најдобриот клупски резултат во историјата.
Во финишот на сезоната охриѓани ќе имаат напоред распоред, особено до средината на мај, кога ќе се игра среда-сабота со натпреварите од суперлигашкиот плеј-оф, Купот на Македонија и ЕХФ Европскиот Куп.
Ракометната приказна на Јасухира почнува во Нипон Универзитет, а пошироката јавност го забележа на кадетскиот Мундијал во 2019 година во дресот на Јапонија, па се пресели во Европа.
Најпрво беше дел од францускиот Ним, па од Висла Плоцк во сезоната 2022/23, пред да биде позајмен во Вардар за сезоната 2023/24. Веднаш ги освои симпатиите на навивачите на скопскиот клуб, беше МВП на Струшкиот турнир и имаше значајна улога во освојувањето на Супер Купот.
Остана само една сезона во Вардар, кратко играше за Ал Кадсија од Кувајт, а досега беше дел од Бурган, каде што настапуваше заедно со Стипе Мандалиниќ.
Охриѓани со евентуалниот ангажман на Јасухира ќе добијат одлично решение на позицијата каде товарот го изнесува само Тилен Стрмљан, по повредата на Ловро Јотиќ.

























