Тиквеш „преживеа“ и за две минути се спаси од пораз во Струга

Тиквеш успеа да ја преживее Струга, и да освои два бода од гостувањето, иако кавадарчани беа „печени“ да загубат барем бод. Тиквеш победи со 26-23 со што ја оствари првата победа сезонава, а Струга останува со три порази.

Струга одигра одлично прво полувреме во кое имаше постојано водство на моменти и со 2-3 гола, што беше изненадување, особено за фаворизираните гости од Кавадарци. Тие сметаа дека ова ќе им биде „рутински“ меч во кој аутсјадерот Струга не би требало да им биде проблем. Но, на терен изгледаше сосема поинаку.

Стружани имаа предност и од 9-6, но не ја задржаа, а Тиквеш полека ја стопи, и се врати во игра. Гостите од Кавадарци до 33 минута израмнија на 11-11 со што се вратија во игра, со надеж дека може да направат пресврт.

Потоа поведоа со 13-12, а потоа и 14-13 во 41 минута. Последните 20 минути беа решавачки за, а откако неколку напади ниту еден од тимовите не реализираше напад, домашните побараа тајмаут. Стефан Атанасовски со својата супериорност во висина постигнува нов гол за водство 15-14, а гостите брзо возвраќаат. Имаа шанса кавадарчани да поведат, но дури во вториот напад реализираа за 16-15, а потоа и 17-16.

На секој гол на едниот тим, другиот возвраќаше со погодок. Повторно Тиквеш водеше, овојпат со 18-17, Струга возврати. Во 50 минута домашните погодија за водство 19-18, на што гостите брзо возвратија.

Домашните ракометари пропуштија шанса повторно да поведат, што го искористија гостите за водство 20-19 во 52 минута. Можеше Тиквеш првпат да поведе со „плус 2“ но тој напад заврши во стативата, а на спротивната страна ниту Струга не успеа да израмни.

Она што не му успеа на Тиквеш еднаш, му успеа од втора и поведе со 21-19, за потоа Струга да погоди од „гол на гол“, а потоа израмни 21-21, па и поведе со 22-21 во 56 минута. Последните три минути мечот влезе во драматична завршница, бидејќи Тиквеш израмни, а потоа и за кратко направи предност од 25-22.

Наум Костов со 7 гола беше најпрецизен кај Струга, а по четири гола дадоа Ненад Костоски, Бобан Савески и Стефан Атанасовски. Кај победничкиот тим, Петар Цветковски даде 7 гола, а 5 гола постигна Балша Чејовиќ.