Од петок до недела на македонските терени ќе бидат одиграни три дерби средби во Супер женската и Супер машката лига.
Најпрво во петок од 19:00 часот во салата „Христо Батанџиев“ во Волково, ќе играат актуелниот првак Ѓорче Петров и амбициозниот и засилен Чаир, кој сака да се вмеша во битката за титулата.
В сабота од 18:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“, Охрид ќе ги пречека „сино-белите“ од Автокоманда и со победа на овој меч, практично би го обезбедил најмалку третото место, а ќе остане во трка и за повисоките места на табелата.
В недела од 19:00 часот како „јаготка на шлагот“ во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе се одигра најголемото дерби на македонскиот ракомет меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар.
Ако битолчани слават ќе ја направат трката за титулата многу поинтересна, а доколку скопјани успеат да се вратат со цел плен од Битола, ќе ги делат милиметри од камбек на македонскиот трон.
Од сите три натпревари, МТВ ќе врши директни преноси на третиот канал.
























