Триумфален старт за кадетите на патот кон ЕП – совладана Финска

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја совлада убедлив Финска со 36-29 во првото коло од квалификацискиот турнир во Луксембург за пласман на ЕП 2026. Иако мораше да се помачи 45 минути, сепак во последните петнаесетина минути комплетно беше надигран скадинавскиот ривал и сега остануваат уште две пречки до пласман на континенталниот собир во Србија.

Одличен настап имаа Јован Петрески и Бобан Поповски со десет, односно девет погодоци, додека Трајче Костов даде шест гола, а голманот Ѓорѓи Николовски беше стандардно добар. Пет пати стрелаше Јован Симоновски, три гола имаше Стефан Ѓоргиески, два пати погоди Горазд Дамчевски, а еднаш Христијан Вујичевски.

Избраниците на Горан Кузманоски тргнаа одлично во мечот и водеа со 6-3 по десетина минути игра, но неколку промашени шутеви и скандинавскиот ривал набрзина се врати во егал, 6-6. Николовски одбрани две топки, Костов, Симоновски и Поповски погодуваа на спротивната страна за вторпат плус три за Македонија, 9-6, а беше и 11-8. Во тој период беа пропуштени повеќе шанси за да биде зголемена разликата во полза на нашите момци.

Потоа влегува во „црна дупка“ македонските репрезентативци, им паѓаше топката од раце, имаа неколку технички грешки во серија и противникот се осоколи, ги казнуваше сите грешки, па израмни на 11-11. Кузманоски се обиде со тајм-аут да ги смири своите избраници, на терен влегоа Дамчевски, Трсунов, Вујичевски, но серијата на Финска продолжи и натаму, па противникот не само што израмни, туку и поведе за првпат во мечот со 13-11, кога остануваа уште пет минути од првиот дел.

Лошата серија ја прекина Поповски, потоа и Петрески даде гол за 14-13, но примивме гол на пет секунди до крајот, патем и Николоски беше исклучен, па Финска замина со предност на паузата, 15-13.

На стартот на вториот дел Македонија веднаш направи пресврт и не прими гол пет минути. Но потоа се играше гол за гол, а во 40 минута по исклучувањата на Костов и Николоски, нашата селекција остана со двајца помалку. Тоа беше трето за Николоски, кој доби црвен картон. Финска се врати во предност, 20-18, но Хагман остро стартуваше над Поповски и судиите од Холандија не се двоумеа да му покажат директен црвен картон.

Голманот Николовски беше на висина на задачата, па не дозволи Финска да се одлепи и во последните петнаесетина минути се влезе со егал, 22-22. Кога најмногу требаше македонските момци одиграа најдобро – стегнаа во одбраната, а во нападот имаа повеќе решенија и беа на добар пат кон победа, 26-23. Финците брзаа и правеа грешки во серија, а Поповски казни за 28-24, па финскиот селектор мораше да бара тајм-аут. Не се промени на добро ситуацијата за скандинавците, Македонија беше разиграна и до крајот само рутински го доработи мечот за убедлив триумф.

Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со јужниот сосед Грција утре од 14:30 часот, додека в недела е пресметката со домаќинот Луксембург од 15:30 часот.