Голема фама се крена во хрватската јавност по објавувањето на скратениот список на ракометарки пред настапот на Европското првенство во Унгарија, Швајцарија и Австрија.
На списокот на селекторот Ивица Обрван се најдоа 20 ракометарки, но меѓу нив не се лидерите на националниот тим – Ќамила Мичијевиќ, Теа Пијевиќ и Валентина Блажевиќ. Ги нема ниту повредените Ана Дебелиќ и Андреа Шимара.
Трите „прецртани“ ракометарки се огласија во хрватските медиуми.
„Сите очекуваат ние да дадеме изјава, откако од медиумите дознавме за одлуката на селекторот Ивица Обрван да не бидеме повикани за настап на ЕП, бидејќи сме свесни дека тој очекува наша изјава. Во целост се сложуваме со тоа дека Обрван има право да повика кои ракометарки сака и тоа е негова одлука. Но сметаме дека по сите овие години кои ги дадовме за женскиот ракомет во Хрватска во најмала рака заслуживме да ни се јави селекторот, некој од стручниот штаб или сојузот и да не информира, а не да дознаваме од медиумите. Нема поубаво чувство од тоа кога се носи хрватскиот дрес. Длабоко сме навредени од постапката на селекторот, кој кажа дека вратите на репрезентацијата за нас се отворени, но тој самиот на овој начин ги затвора“, порачаа трите ракометарки за 24Сата.
Хрватска ќе тестира со Македонија и Србија на „Кроација Куп“ во Пореч од 22 до 24 ноември, додека на ЕП ќе биде во група со Данска, Швајцарија и Фарски Острови во Базел.
Хрватска на ЕП без главните ѕвезди – Обрван не смета на Мичијевиќ, Блажевиќ, Пијевиќ…