Трилер во Богданци – Николовски спречи радост на Младост

Дербито на првата рунда од прволигашкиот плеј-оф се играше во Богданци, каде домаќинот Младост загуби во драматичен натпревар од „витамините“ од Автокоманда со 31-30.

Домашните ракометари може да жалат што не дојдоа барем до бод на овој, бидејќи пропуштија многу прилики во финишот, а за тоа „виновник“ е голманот на гостите, Ѓорѓи Николовски, кој одбрани и пенал, како и неколку зицери на крајот.

Гостите отворија со водство 9-6, но на паузата Младост успеа да се врати во егал, а потоа и да ја преземе контролата. Со двата гола на искусниот Гамзардија, тимот од Богданци отиде на пауза со плус два, 16-14.

Имаа домаќините и плус четири, 22-18, но тогаш поради трето исклучување црвен картон доби Цековски, па гостите полека се враќаа во игра. Тимот од Автокоманда имаше и плус два во два наврати, 28-26 и 30-28.

Храбрите домаќини успеваа да се одбранат и да казнат грешките на ривалот, кој во меѓувреме остана без Матеј Тевдовски, кој пак доби црвен картон поради три исклучувања.

Во последната минута се влезе со реми, 30-30. Голманот на гостите одбрани пенал на Наумовски, но и неговите соиграчи погрешија, па Младост на триесетина секунди тргна во напад за реми.

Имаа домашните два обиди – се обиде најпрво Атанасов, потоа и Мирчевски, но и двата удари не завршија во голот на Николовски за голема радост на гостите. На табелата, Еурофарм Пелистер 2 е прв со 18 бодови, „витамините“ се втори со 13, додека Младост Богданци е трет со 10 бода.