Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа драматичен натпревар против франциускиот ПСЖ, 34-34, откако Дејан Манасков донесе реми во последните секунди во последниот домашен натпревар од оваа сезона во Лигата на шампионите.
Иако гостите водеа со 34-32 во последната минута, сепак пелистерци одново како и во Данска покажаа карактер и не се откажаа до последниот судиски свиреж, а за тоа беа наградени со голем бод против еден од најсилните тимови на континентот.
На табелата сега Еурофарм Пелистер има шест бода на седмото место и нема шанси за прогрес, а ова реми ќе му го отежне патот на ПСЖ кон четвртфиналето, бидејќи има 11 бодови и лесно може да биде престигнат од ПИК Сегед.
По почетната игра гол за гол до 4-4, гостите беа тие што се одлепија на плус два, 6-4, а битолската одбрана немаше многу решенија за Јахја во продолжението, па ПСЖ отиде и на предност со четири гола, 12-8.
Грин беше солиден на голот, му одбрани пенал на Манасков, но Тајник, а потоа пелистерци го засилија темпото и успеаја да ја стопата негативата на 15-14.
Шипжак се разигра во финишот на полувремето, погоди и од пенал пред паузата за 18-15 за ПСЖ. Но македонскиот шампион не се откажуваше од битка за позитивен резултат на овој натпревар.
Капитенот Кузмановски врза два гола, погоди и Манасков и веднаш на стартот на вториот дел, Еурофарм Пелистер стигна до реми. Одличниот Хеидарирад на голот беше надополнување, па новата негатива од три гола, 21-18, беше претворена во прво водство преку Кузмановски од пенал за 27-26.
Беше и плус два за пелистерци, 29-27, но кога виде дека „ѓаволот ја однесе шегата“, тренерот Мадсен бараше тајм-аут и неговите момци набрзина врзаа три гола во серија за 30-29. Сепак со атрактивен гол на Хосни со цепелин по асистенцијата на Кузмановски, пелистерци израмнија и мораше се да почне од нула.
Стеинс изнуди исклучување за Хенигман, а тоа гостите го искористија па отидоа на плус два, 32-30 кога остануваа уште четири минути до крајот. При негатива 33-31, Грин му одбрани шут на Радивојевиќ, но потоа беше 34-32. Но и тука домашните не се откажаа, најпрво Хосни даде гол, а по одбраната на Хеидарирад во последните секунди топката дојде до Манасков, кој погоди во мрежата на Грин за голем бод, 34-34.
За Еурофарм Пелистер останува да го одигра уште последниот натпревар од групната фаза на гостински терен против Барселона на 10 март.























