Ракометарките на Металург Автокоманда ја продолжуваат борбата за второто место во плеј-офот од Женската лига со Чаир и запишаа триумф над Куманово со 28-26. Во меч со три црвени картони, домаќинките мораа да се помачат за да ги освојат бодовите од овој натпревар.
Металург Автокоманда водеше уште од стартот со 4-0 и се чинеше дека ќе има лесна задача, но Куманово ниту еднаш не се предаде. Гостинките останаа на стартот на вториот дел без Матеја Јовановска која остро стартуваше над Марија Јанкуловска и доби директен црвен картон.
Тоа не ги поколеба нејзините колешки во борбата и Куманово намали на 19-18. Потоа беше и 20-19, а во меѓувреме двата тима останаа без лидерите во одбраната – Александра Коловска и Сара Цветановска, кои по трите исклучувања добија црвени картони.
Куманово преку Зечевиќ од пенал намали на 26-25 на пет минути до крајот, но немаа гостинките сили за нешто повеќе. Гугуљанова и Миновска ги згаснаа сите нивни надежи барем за бод и триумфот остана во Автокоманда.
Марија Јанкуловска со 11 погодоци беше предводник на Металург Автокоманда, а кај Куманово се истакна Нена Нестороска со исто толку. На табелата сега Металург Автокоманда има 29 бода и во следното коло на средбата со Чаир на домашен терен може да ги реши сите дилеми околу вицешампионското место.