Тргна новиот проект Атлетик – со Чурлиновска, Кралева, Котевска, Босилковска…

Новиот тим на македонската женска ракометна сцена – ЖРК Атлетик, ги започна подготовките за новата сезона во прволигашката конкуренција.

Атлетик, кој најави големи амбиции со големи ракометни имиња во клубот на раководните позиции, ќе мора да започне едно скалило подолу, но нема сомнеж дека е главен фаворит за место во елитната конкуренција од сезоната 2026/27.

Меѓу засилувањата во клубот се повеќе репрезентативки на Македонија во сите категории – голманката Матеа Чурлиновска, левиот бек Михаела Кралева, средниот бек Исидора Котевска, еден од најдобрите стрелци во Женската лига – Моника Босилковска, потоа Сара Богојеска, Миа Маринчов, Стефани Ристиќ…

Во ростерот се уште и Андреа Конеска, Анастасија Дамјановска и Сандра Трпеска, кои исто така играа на ЕП за младинки во Црна Гора, како и Милена Пети, Анастасија Величковска, Наталија Дишковска, Моника Митревска, Ива Велковска, Калина Темелкова, Мирјана Думбалоска и Дафина Соколовска.

Покрај спортскиот директор Ина Суслина и тренерот Татјана Хмирова, уште многу познати имиња ќе бидат дел од новиот проект. Претседател на клубот е Горан Стојков, а покрај себе како „десна рака“ ја има и Ана Стојков како извршен директор, која своевремено беше дел од женскиот, а потоа и од машкиот тим на Вардар во најдобрите времиња кога „црвено-црните“ играа на Ф4 турнирите во Келн и во Будимпешта, и освојуваа медали и титули.

Покрај нив некогашните репрезентативци на Македонија, Тања Андрејева и Дејан Пецаковски, ќе бидат задолжени за работата со голмани (Андрејева) и физичката подготовка (Пецаковски).

Потпретседател ќе биде Дејан Блажески, Михаела Митреска ќе ја има функцијата оперативен менаџер, додека некогашната ракометарка Ивана Велковска ќе работи во стручниот штаб и ќе биде асистент на Хмирова. Во клубот ќе бидат уште и физиотерапевтите Нина Димковска и Надица Маџовска, како и спортскиот психолог Кирил Насков.

Во првото коло од новата сезона во Првата лига, ЖРК Атлетик ќе биде слободен, па првиот меч ќе го одигра на 13/14 септември.