Трето полувреме во Охрид: Манасков пријавен по натпреварот, случајот заврши во полиција

Дербито помеѓу Охрид и Еурофарм Пелистер во салата „Билјанини извори“ не заврши со последниот свиреж на судиите – вистинското „трето полувреме“ се одигра надвор од теренот. Охриѓани славеа голема победа со 29-25 против актуелниот шампион, но триумфот остана во сенка поради неколку инциденти по мечот.

Според информациите од охридската полиција, по натпреварот бил пријавен инцидент во кој бил инволвиран крилниот играч на Пелистер, Дејан Манасков. При меѓусебното поздравување на играчите на паркетот, Манасков наводно физички го нападнал помошниот тренер на Охрид, Крсте Андоновски.

Случајот веднаш влегол во полицискиот бележник. Манасков бил пријавен во СВР Охрид и морал во полициска станица да даде исказ околу пријавата и околностите под кои настанал инцидентот. По целосно расчистување на случајот, најавено е дека ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.