Трето полувреме: Приведен битолчанец – ги навредувал играчите на Вардар!

Супер Куп натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци, кој понуди врвна ракометна драма на теренот, беше засенет од инциденти на трибините.

Министерството за внатрешни работи информира дека бил приведен 24-годишен навивач од Битола кој, според полицијата, агресивно и недолично се однесувал кон играчите на Вардар за време на натпреварот.

„На 03.09.2025 во 20:15 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле А.Р. (24) од Битола затоа што за време на одигрување на ракометниот натпревар недолично и агресивно се однесувал кон играчите на РК Вардар. По документирање на настанот против А.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.

Дополнително, полицијата работи на утврдување на идентитетот на друг навивач кој по завршување на мечот запалил пиротехничко средство во салата.

Пријава ќе биде поднесена и против организаторот на натпреварот, во согласност со Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари.