Поранешниот српски репрезентативец Миљан Пушица најверојатно ќе биде првото засилување за „сино-белиот“ тим на Кирил Лазаров за пролетниот дел од суперлигашката сезона, дознава 24Ракомет.
Левиот бек, кој одлично се снаоѓа во дефанзивата, ја одработува четвртата сезона во Војводина од Нови Сад, но поради финансиските проблеми на српскиот клуб, побара раскин и треба да се пресели во Автокоманда.
Пушица е искусен, 34-годишен ракометар, кој во кариерата настапуваше осум сезони во странство. Од 2014 до 2017 година беше дел од полската Висла Плоцк, додека пет години мина во бундеслигашот Минден пред да се врати во татковината во 2022 година.
Во Автокоманда ќе дојде најмалку уште едно засилување во овој преоден рок, што значи дека „сино-белите“ не се откажуваат од трката по титулата во Македонија. На левата бековска позиција во моментов во составот на Лазаров играат Емилијан Ѓорговски и Дамјан Митев.
Пушица ќе биде трет странец во Автокоманда, откако во минатото лето дојдоа српскиот лев бек Урош Борзаш и исландското лево крило Улфар Тордарсон.


























